Среќата и работата

Среќата и работата

Како да ја пронајдете среќата во секојдневната работна рутина

Поголемиот број на луѓе работат за да преживеат и можеби во одреден временски период сите ние сме биле во таква ситуација. Егзистенцијалното прашање е веројатно главната причина луѓето да не ја работат работата која ја сакаат, туку да се задоволуваат со работни места и улоги кои се плаќаат но не им носат среќа, задоволство и радост. На тој начин, запаѓаат во апатија и безнадежност, водејќи и помалку од обичен, неисполнет живот.

Но, не е сѐ така црно. Животот има безброј различни опции и решенија, а во денешно време постојат и многу алатки, методи и начини со кои може да се постигне промена во било која животна област, вклучувајќи го и професионалниот живот. Визуелизација, Невролингвистичко програмирање, коучинг итн се дел од таа листа.

Како и да е, секогаш започнете со она што го имате во рацете, вашата постоечка работа. Дајте сѐ од себе да ви претставува задоволство. Најпрво, сигурно ќе ви биде потребно да прифатите дека во дадениот момент „тоа е тоа“ и дека е потребно да поминете низ тоа искуство додека не ги откриете вистинските решенија за вас.

Секое утро, мисловно направете „филм“ во вашата глава за тоа како ќе изгледа вашиот идеален ден. Направете го жив, динамичен, обоен во реални бои, со сите насмевки, убави зборови и ситуации кои би сакале да ги имате, слушнете го сето она што би сакале да го чуете и на крајот, доживејте го потполно чувството на радост и уживање што ви се случува ден ваков исклучителен ден. Дишете длабоко и зголемувајте го ова чувство, „погледнете“ каде го чувствувате во вашето тело, идентификувајте го местото, формата, движењето. Потоа, дозволете му на тоа прекрасно чувство потполно да ве обземе и да се пренесе низ целото тело. Повторете го ова неколку пати, барем 3, сѐ додека на вашето лице се појави волшебна насмевка која ќе ве води низ денот. Таа ќе биде проследена со длабока опуштеност на вашето тело, што ќе придонесе да се зголеми вашата отпорност на секојдневниот стрес. Исто така, како бонус од оваа вежба, лесно ќе можете да го вратите емоционалниот баланс, само со присетување на утринската визуелизација и враќање на волшебното чувство на радост и уживање.

Она што уште повеќе може да го зацврсти позитивното чувство во однос на работата е неговото поврзување со вашите најдлабоки вредности. Седнете во тишина и дајте си доволно време да размислите зошто ја работите таа работа. Заради себе, заради семејството, децата, заради влијание врз другите, за да оставите личен печат врз луѓето, за да им помогнете. Која е вашата смисла во работата? Секогаш во ова размислување целите високо… Доколку навидум не можете да ја најдете, измислете ја. Дајте ѝ нова смисла. Кога зборуваме за смисла, тоа секогаш би била некоја повисока цел, нешто што остава траен печат, што дава значење.

Практикувајте ја оваа вежба секојдневно, во секој животен контекст. Во еден миг ќе забележите дека животот или барем вашата перцепција за нештата се променила. Од енергетска гледна точка, резултатот се објаснува на следниот начин. Енергијата ја следи мислата. Вашиот фокус и насочувањето на енергијата одредуваат што ќе расте во вашиот живот. Го креирате она за што најчесто размислувате…

Во следниот број: Како до работата која ја сакате?