Во нашиот секојдневен живот постојано сме преокупирани со сетилни дразби, размислување, анализирање, чувствување, правење на секакви мисловни активности; никогаш не сме вистински смирени, често сме во брзање, под стрес, исполнети со постојано внатрешно дрдорење. Сепак, навидум случајно, некогаш ни се случува да постигнеме состојба на смирен ум, испразнет од мисли. На сите ни се случило да се опуштиме гледајќи го убавото зајдисонце, дозволувајќи им на мислите да се стишаат, што е блиску до медитација. Или пак, ако при читањето на некоја книга за момент ја оставиме и само седиме мирно и тивко неколку минути без ништо да размислуваме, тоа исто така е нешто слично на медитација. Во овие кратки моменти кога нашиот ум не е рефлективен, односно не е зафатен со какви и да било мисли, кога сме само присутни во сегашниот миг, доаѓаме многу блиску до тоа „јас“ или (со други зборови) се поставуваме во центарот на нашето „јас“. А оваа поврзаност со сопството ни носи мир, среќа и радост. Иако само за еден миг, нашиот ум станува мирен, спокоен и фокусиран.